Општина Охрид, денеска, на плоштадот „Св. Климент Охридски“ организира „ Ден на идеи“, при што граѓаните имаа можност да дадат предлози, сугестии и идеи за развој на општината . Присутни беа градоначалникот Никола Бакрачески, директорите на јавните претпријатија, раководители на сектори и одделенија и стручни лица од службите на општина Охрид.
Како што истакна градоначалникот, откако ќе бидат разгледани, најдобрите идеи ќе бидат содржани во идните програми за работа на општина Охрид.
– На овој начин граѓаните активно допринесуваат во градењето на подобар Охрид и стануваат партиципиенти во идните програми на општината за уредување на градот, во комуналната, сообраќајната сфера, во делот на урбанизмот, културата, туризмот, спортот и сите области од секојдневното живеење на градот. Тоа е еден од начините за отчетно и транспарентно работење кое ние го етаблиравме уште од почетокот на нашиот мандат и од кое што не размислуваме да отстапиме, рече Бакрачески.
По разгледувањето на доставените идеи и предлози и по проценката на можностите за имплементација и реализација на идеите и по нивното инкорпорирање во некои од програмите за работа на секторите и јавните претпријатија, ќе бидат објавени и иницијаторите на идеите.
– На тој начин настојуваме да ги мотивираме останатите граѓани да добијат инспирација и активно да партиципираат во градењето на подобар Охрид заедно со службите на Локалната самоуправа– изјави градоначалникот, Никола Бакрачески.
Слични средби со граѓани преку кои тие активно ќе учествуваат во креирање на политики , општина Охрид ќе реализира и во наредниот период.
Т.К.