Засилени полициски мерки на превентивен план, физичко обезбедување, воспоставување на видеонадзор и подобрување на осветлувањето на градскиот пазар, се главните заклучоци што биле донесени на вчерашната средба на претставници на отсекот за превенција при СВР Охрид со претставниците на ЈП „Градски Пазар“, со сопствениците на трговски објекти и корисниците на тезги.
Состанокот бил организиран во рамките на Акциониот план за реализација на проекти изготвен од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, а во склоп на проектот „Бизнисот и безбедноста“.
-Целта на состанокот беше договарање на превентивни мерки за превенција на тешки кражби и кражби во поволна прилика како и бележење сугестии, идеи и размислувања на засегнатите субјекти корисници на деловни објекти и простори во градскиот пазар, информираат од СВР Охрид.
Во рамките на проектот „Бизнисот и безбедноста“, предвидено е ваквите средби да продолжат со цел интензивирање на превентивните мерки кон елиминирање на кражбите и другите имотни деликти како и подигнување на повисок степен на безбедносната состојба на подрачјето.
OhridNews