Најголемите светски имиња од дисциплина прецизно слетување ќе бидат дел од Европскиот куп во параглајдинг кој од денес до недела се одржува во Охрид.
Од Воздухопловната федерација на Македонија велат дека присутни се параглјдеристи кои се вбројуваат во топ три на светската ранг-листа, односно дека од топ 20 веројатно 15-тина луѓе се присутни на овој настан што го прави доста значаен зошто носи големи бодови за Светската ранг-листа која ќе помогне и за промоција на Охрид, но и на македонските натпреварувачи да освојат подобри поени.
Ова е натпревар од светски ранг, кој е дел од Европската лига, кој има пет натпревари и на крај се освојува Европски шампионат. Македонија има огромно искуство во организација на големи параглајдерски натпревари, но за жал тие досега не биле направени во Охрид и Галичица, иако сме имале фантастични услови во овој дел на Македонија. Се надевам дека овој прв Европски куп ќе биде увертира можеби во поголеми настани, како светски купови и првенства наредните години, вели Мартин Јовановски претставник на Воздухопловната федерација на Македонија.
Горди сме што нашиот град за првпат е домаќин на ваква манифестација од највисок ранг и тоа што поседува потенцијал за развојот на параглајдингот како спортска дисциплина истакна градоначалникот Кирил Пецаков.
Бројката од над 50 пријавени учесници од неколку европски земји, кои викендов ќе полетуваат под падините на планината Галичица и ќе слетуваат на градскиот стадион во Охрид, е показател дека се работи за атрактивен спортски настан кој ќе овозможи неповторливо уживање за сите љубители на спортот. Охридската локална самоуправа и јас како градоначалник ќе бидеме подготвени за соработка и поддршка на вакви настани кои можат да дадат значаен придонес во развојот на Охрид како интересна дестинација за алтернативен туризам, потенцираше Пецаков.
Истакна дека можеби веќе од наредната година на Галичица ќе има слетилиште и полетувалиште за параглајдери на ниво од светски рамки, нешто кое било предвидено и во самата програма за Локалните избори.
Се надевам дека ќе можеме да ја продолжиме оваа приказна и со големи натпревари во Охрид, а со тоа и да се придонесе за развој на активниот туризам кој преку овој настан ќе се промовираат Охрид и Галичица како една одлична дестинација за одмор и рекреација на овој вид на спортисти. Нашите планови како организациски тим и од разговорите со претставници од Општината, без чија поддршка за жал ова не може да се реализира, е да имаме секоја година по еден натпревар од светски карактер Европски куп, Светски куп, а понатаму да пробаме и за Европско и Светско првенство, додаде Јовановски.
Инаку, Во Македонија има околу 20-тина активни клубови со натпреварувачи и уште 10-тина рекреативни, 3 активни параглајдинг школи и околу 150 натпреварувачи, рекреативци голем број. Од нашата држава за дисциплината прецизно слетување ќе се натпреваруваат околу 10 параглајдеристи.
Н.С.Ј.