Според НАСА, најголемата санта мраз на светот, А-76А навлезе во преминот Дрејк – воден пат познат по брзите океански струи кај Антарктикот, кои може да го испратат леденото парче кон север – до неговото конечно топење.
Ледениот брег, имено, е двојно поголем од Лондон. Тој е најголем на планетава и наскоро би можел да се најде на пат кон забрзано исчезнување, покажаа новите сателитски снимки. Според Националниот центар за мраз во САД, сантата е долга 135 километри и широка 26 километри. Сликите од сателитот „Тера“ направени со „МОДИС“ (Спектрорадиометар за слика со умерена резолуција), јасно ја покажуваат сантата со долгнавест облик и се разликува од мразот појужно во Јужниот Океан.
Во мај 2021 година, сантата А-76 се одвои од ледениот гребен Рон. Тоа беше најголемата санта мраз во светот во тоа време, но ја загуби титулата откако се скрши на три дела за помалку од еден месец. Најголемиот од овие фрагменти е А-76А, кој денес плута кај преминот Дрејк. Овој премин е турбулентно водно тело меѓу ‘ртот Хорн во Јужна Америка и Јужните Шетландски Острови на Антарктикот.
Ледените брегови често „се туркаат“ на исток од силната Антарктичка кружна струја, додека се движат на север низ преминот Дрејк. Оттаму, ледените брегови често се упатуваат на север кон екваторот, каде што брзо се топат во потоплите води, каква што е судбината на сантата А-76А.
OhridNews