Бесправната градба и урбанизацијата се најголема закана за националниот парк Галичица. Одговорните во јавната установа предупредуваат дека проблемот со бесправните градби во строго заштитената зона на паркот е загрижувачки и дека институциите на системот не постапуваат по поднесоците доставени до нив, а кои ги има во голем број.

До сега јавната установа има добиено 450 барања за мислења за легализација на бесправно изградени објекти. Ви тврдам дека нема поголема закана за природните вредности на паркот од бесправната градба. Во сите случаи кога имало бесправна градба и узурпација на државен имот ние нашиот чекот сме го направиле, сме поднеле до правобранителот да преземе мерки, како и до градежната инспекција да го урне објектот, во ниту еден случај не е постапено, во ниту еден. – изјави Андон Бојаџи од НП „Галичица“.

Во зоната на Националниот парк во моментов има над 1000 викенд куќи, а голем дел од нив се бесправно изградени. Освен во населените места, дивоградби има и надвор од нив и тие претставуваат најголема закана за статусот светско природно наследство заштитено од УНЕСКО, вели Бојаџи.

Ако заради нешто не стават на листата на загрозено светско наследство, тоа ќе биде урбанизацијата и мораме да собереме доволно сила да се справиме со бесправната градба и узурпацијата на земјиште сопственост на Република Македонија. – истакна Бојаџи.

Освен со бесправната градба, НП Галичица се соочува и со дрвократство, кое во најголем дел го врши локалното население, но овој проблем е многу помал во однос на штетата која се прави со урбанизацијата, велат одговорните во паркот.

OhridNews