Интервенција на радиофреквентна аблација кај пациенти кои страдаат од Баретов езофагус за првпат во државава е извршена на Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија. Ова заболување се карактеризира со измена на нормалната лигавица во долната третина на хранопроводот која доколку соодветно не се третира може во одреден процент да доведе до карцином на хранопровод. Со радиофреквентна аблација, која е ендоскопска техника, променетото ткиво се изложува на топлинска енергија со што се уништува променетото ткиво.
Интервенцијата ја изврши тим од Клиниката со помош на светски познатиот гастроентерохепатолог д-р Иво Бошкоски, кој е по потекло од нашата држава, а работи на Католичкиот универзитет, во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим. Ваква интервенција ќе им биде извршена и на уште двајца пациенти.
Oд денеска почнавме да работиме нова метода која не се работи во блиската регија со потенцијал да станеме некаков регионален центар. Тоа е радиофреквентна аблација на Баретов езофагус, оштета на дисталниот дел на хранопроводот. Го замоливме колегата Иво Бошкоски од болницата „Агостино Џемели“ во Рим, да дојде да ни помогне, да провери колку е добар нашиот ендоскопски тим за вакво нешто. Успеавме да ја направивме интервенцијата кај првиот пациент, имаме селектирано уште два пациенти. Од денеска Клиниката официјално почнува да ја работи оваа метода, рече директорот на Клиниката за гастроентерохепатологија, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Д-р Бошкоски рече дека станува збор за преканцерозна болест, која доколку не е третирана адекватно се создава канцер.
Самата патологија е многу деликатна. Алтернатива е хирургија. Тука ние со десет минути интервенција со радиофреквентна аблација на хранопроводот извршена е тотална ерадикација на Баретов езофагус, т.е. промена на слузницата на хранопроводот во метапластична потоа во дисплазија итн. Тоа е ретка патологија, но е многу деликатна. Колегите ја извршија интевенцијата, а јас правев опсервација. Се беше сорвршено, технологијата е најмодерна. Го имаме истиот апарат во болницата „Агостино Џемели“ во Рим. Навистина сум пресреќен што денеска тука постои ваква технологија, потенцира д-р Бошкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање проф. д-р Гривчева Старделова рече дека пациентите се селектирани, нивни амбулатски, кои лежеле, а Клиниката аплицирала, добила официјална цена која Фондот ја исплатил и тоа оди на товар на Фондот.
Интервенцијата се изведува во амбулантски услови од страна на гастроентеролог, а пациентот е под анестезија. Со цел унапредување на третманот на оваа состојба на Клиниката за гастроентерохепатологија се воведува и уште една метода за мерење на pH во хранопроводот и неговото движење со што може да се обезбедат точни информации за присуство на рефлуксната болест.
Континуираната 24-часовна pH-метрија е стандарден метод во гастроентерологијата кој овозможува директно и квантитативно мониторирање на киселинскиот рефлукс и дава показатели за одредување на соодветниот начин на третман, информираат од Клиниката.
OhridNews