На планината Галичица, во границите на националниот парк ќе биде отворена Станица за спасување на планина. Неа ќе ја опслужува добро обучен специјален тим на спасувачи-планинари на Црвениот крат, кој ќе има за цел да им помага на сите кои ќе се најдат во невоља на планината Галичица.
По тој повод денеска во просториите на Црвениот крст-Охрид, претседателот на оваа организација, Сашо Точко, директорот на НП „Галичица“, Зоран Ангелоски и претставникот на планинарското друштво „Магаро“, Борис Арнаудов, потпишаа меморандум за меѓусебна соработка.
меморандумот за соработка
Целта е поинтензивно промовирање и афирмирање на туристичките потенцијали, како и ефикасна реализација и координација на активностите на територијата на Националниот парк Галичица, а во насока на безбедно и организирано движење во Националниот парк, вели претседателот на охридскиот Црвен крст, Сашо Точко.
Станицата за спасување ќе биде лоцирана на „Стара Галичица“ во непосредна на асфалтниот пат кој и оваа зима е затворен за сообраќај поради неодржување. Директорот на НП „Галичица“, Ангелоски смета дека отворањето на спасувачката станица, заедно со реализација на проектините активности на јавната установа за реафирмирање и изградба на повеќе туристички содржини, ќе придонесе за поголема афирмација на Галичица како туристичка дестинација. Исто така предвидените содржини одат во функција на барањето на јавната установа до Фондот за патишта од следната година патот на Галичица од 4-та да биде префрлен во 2-ра категорија со што тој редовно би се одржувал и во зимски услови.
Единицата за спасување ќе ја сочинуваат добро обучени лица од планинарското друштво „Магаро“. За време на викендите тим спасители ќе биде присутен на планината Галичица, а преку недела ќе се дејствува на повик преку СОС телфон кој ќе биде отворен во Црвениот крст.
Станицата за спасување ќе биде промовирана во недела за време на планинаката тура на членовите на планинарското друштво „Магаро“ во која поради екстремните услови кои владеат на Галичица ќе учествуваат само добро подготвени планинари.
Горан Момироски