Дел од студентите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид кои аплицирале за субвенционирано набавување на таблет компјутери, ќе може да ги подигнат своите вредносни ваучери од 1-ви до 3-ти јуни 2015 година.
На веб страницата на факултетот е објавена листата на прватa група на обработени апликации од студентите. Според најавата, студентите кои се на објавениот список ќе може да си ги подигнат ваучерите од 12 до 15 часот на шалтерите на Студентски прашања. При подигање на ваучерот студентите треба да приложат Индекс и Лична карта. Од факултетот информираат дека во текот на наредните денови ќе биде објавен и нов список на апликанти кои ќе добијат вредносни ваучери.
Вредносните ваучери се во износ од по 8.000 денари и може да се искористат за купување на таблет компјутери со надворешна тастатура. За овие ваучери можеа да аплицираат редовни студенти кои првпат се запишани во трета и четврта година, а се од семејства со месечни приходи до 32.741 денари бруто приход, како и на студенти евидентирани како лица со посебни потреби запишани во која било година на студии. Средствата за купување на таблет-компјутери се обезбедени од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.
OhridNews