На Факултетот за Туризам и угостителство во Охрид оваа година ќе можат да се запишат вкупно 385 студенти од кои 230 редовни во државна квота, 85 со кофинансирање и 70 вонредни студенти.
Според Конкурсот за запишување на студенти кој го објави Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола за академската 2015/2016 година на насоката Туризам, за четири годишни универзитетски студии има 70 слободни места, на Осигурување 60, на Царина и шпедиција 20, а на насоката Менаџмент во услужен сектор ќе може да се запишат 65 студенти.
За тригодишни студии на насоката Гастрономија, исхрана и диететика можат да се запишат 50 студенти, а на Хотелско- ресторански менаџмент 40 студенти.
На Дисперзираните студии на факултетот, на насоката Туризам во Крушево ќе може да се запишат 30 студенти, а на насоката осигурување во Велес има вкупно 50 слободни места.
Право на запишување на прв циклус додипломски студии имаат: Кандидати кои положиле државна или меѓународна матура, Кандидати со завршено четиригодишно средно образование во претходните учебни години (пред учебната 2007/2008 година) кои не полагале државна матура. Кандидати што имаат завршено високо или вишо образование на сродни факултети и виши школи и кандидати кои паралелно студираат сродни факултети, студиски групи или насоки.
Основен критериум за селекција на кандидатите за запишување на прв циклус е успехот постигнат во средното образование. Вреднувањето на успехот на кандидатите се изразува во поени.
Пријавувањето и запишувањето на кандидатите во првиот уписен рок ќе се врши на 12-ти,13-ти и 14-ти август 2015 година. Вториот уписен рок ќе биде на 2-ри и 3-ти септември, а третиот уписен рок на 14-ти септември 2015 година.
OhridNews
OhridNews