На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид во првиот уписен рок се запишале 170 студенти на сите студиски програми за учебната 2015/2016.

На насоката царина и шпедиција се пополнети сите места и за неа има најголем интерес. На осигурување и туризам е пополнета државната квота, но се уште има место за кофинансирање и вонредни студенти. На студиските програми: Гастрономија, исхрана и диететика, Менаџмент во услужен сектор и Хотелско- ресторански менаџмент има слободни места во сите три квоти.

Новиот декан на ФТУ, проф. д-р Цветко Андреески е задоволен од одзивот на идните студенти.

-Остануваат уште 130-тина слободни места на Факултетот за туризам и угостителство во следните два уписни рока, вториот кој е закажан на втори и трети септември и третиот уписен рок на 14- ти септември, изјави Андреески.

Според деканот, она што го прави атрактивен овој факултет е тоа што е најстара високообразовна институција од областа на туризмот и тоа што има најголем број на наставен кадар за ваков профил на студенти.

-Насоката Царина и шпедиција е единствена од ваков вид во земјава, а насоката осигурување е популарна меѓу студентите поради предавачите меѓу кои директорот на националното биро за осигурување, директорот на агенцијата за супервизија на осигурување итн. На насоката Гастрономија, исхрана и диететика секогаш се трудиме да покануваме врвни експерти од оваа област да бидат вклучени во наставниот процес и сметам дека сите овие причини се мотив плус за привлекуваење на интересот на нови студенти од различни краишта во Македонија и пошироко, подвлече Андреески.

Дел од студентите кои се одлучија да го изберат Факултетот за туризам и угостителство како место за продолжување на нивното образование се надеваат дека во рамки на оваа образовна институција ќе се стекнат со сите потребни знаења за понатамошната професионална кариера.

-Се запишав на насоката за гастрономија затоа што практикувам да се хранам здраво и се гледам себеси како иден нутриционист, тоа е она што ме исполнува и баш сум среќен што во Охрид има ваква насока, вели еден од идните бруцоши на факултетот.

Друг иден студент вели дека се решил да се запише на Факултетот за туризам бидејќи има желба да придонесе за подобрување на туристичка слика на Охрид.

-Знам дека студирањето е започнување една нова фаза во животот на средношколците и искрено сакав да останам во градот. Сметам дека Охрид се уште може да понуди можности за младите и може да биде прогресивен ако го смениме начинот на размислување затоа што верувам во потенцијалите кои ги има, само што туристите ги забележуваат подобро од нас, кои живееме тука, вели студент кој се запишал на една од туристичките насоки.

Според објавениот конкурс за запишување, право на запишување на прв циклус додипломски студии имаат: Кандидати кои положиле државна или меѓународна матура, Кандидати со завршено четиригодишно средно образование во претходните учебни години (пред учебната 2007/2008 година) кои не полагале државна матура. Кандидати што имаат завршено високо или вишо образование на сродни факултети и виши школи и кандидати кои паралелно студираат сродни факултети, студиски групи или насоки. Основен критериум за селекција на кандидатите за запишување на прв циклус е успехот постигнат во средното образование.

Ивана Чичоска