Стари гуми од автомобили, расфрлани кеси, книги- тоа е глетката која ќе ја затекнете ако одлучите деновиве да ги посетите охридските плажи.

Сончевото време поттикна голем број граѓани да се одлучат за прошетка вдолж охридското крајбрежје. Но, она што ќе го затекнете на плажите, особено оние кои не се издадени под концесија, воопшто не е пријатна глетка.


Фотографиите се направени во месноста Лагадин пред бројните модерно уредени објекти. Викендов можеше да се забележи дека во дел од нив одржуваат приватни забави, но очигледно е дека сопствениците на вилите воопшто не ги загрижува отпадот пред нивните објекти.

Оставаат проблемот околу чистењето на крајбрежјето да го решат Локалната власт и Министерството за транспорт и врски кои со години се препираат кој е надлежен да го подига отпадот.

Во меѓувреме, поголемиот дел од  крајбрежјето останува прекриено со отпад.

OhridNews