Спортскиот новинар со богато искуство Леон Хаан ќе биде специјален гостин на Атлетскиот викенд Охрид трчаТ кој ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни во нашиот град. Хаан кој долги години е дел од светската атлетска елита во Охрид ќе допатува по покана на Владо Велјаноски кој е верен пријател на Охрид трчаТ.

– Јас сум секогаш заинтересиран за луѓе, култури, обичаи. За спортски репортер и коментатор и овие работи се многу важни посебно кога ќе се одбележува достигнување на спортистот. Спецификата во овој дел ја има посебно атлетиката бидејќи станува збор за спорт кој го практикува цел свет, го има секаде, од градови,села до острови. Јас како 7 годишно дете почнав да се занимавам со атлетиката и од тогаш атлетиката доминира со мојот живот. Прво бев активен како атлетичар а сега како репортер/коментатор.. Во почетокот на деведесетите бев пет пати шампион на Холандија. Учествував како репрезентативец на Холандија на Европски и светски првенства во неколку наврати, додека мојата кариера како спортист ја завршив во 1995 година. Кариерата на тоа што го работам и сега ја започнав во 1990 кога дипломирав на новинарство. Во 1995 година започнав да работам за Еуроспорт како коментарот за атлетика . Во 1999 се префрлив во Холандската национална телевизија во оделот за спорт, наречен НОС Студио Спорт. Од тој период сум присутен на сите европски и светски атлетски првенства а од 2000 година на сите олимписки игри. Сум правел интервјуа со разни светски атлетски легенди и тоа : Усаин Болт,Сегеј Бубка,Хаиле Гебресиласие, Пола Ретклиф, Елиуд Кипчоге и многу други. Мене многу ми значи од каде кој доаѓа, кој и од каде му се корените, поврзаноста со фамилијата дома, традицијата така што овој мој интерес во годините направи добро да се запознам со Владо Вељаноски мојот колега по потекло од Охрид, редовно го прашував за неговото потекло, за Македонија, за Охрид. Многу ми е мило што и Владо ќе е на ова патување така што ќе имаме можност да се запознаеме повеќе со неговиот роден крај, ќе направиме една мала турнеа низ Македонија бидејќи навистина имам голема желба да се запознам и да ги видам убавините на Охрид и Македонија. Им благодарам на организатроите на Охрид трчаТ за поканата и за мотивот плус мојата долгогодишна желба да ги посетам Охрид и Македонија да ми се оствари.Верувајте многу ми е мило што ќе патувам за Охрид и Македонија. Нестрпливо чекам што ќе видам, каде ќе трчам, со кого ќе се запознам и секако каде Владо и Охрид трчаТ ќе ме шетаат. Јас никогаш не заборавам да трчам, важно е за секоја заедница да се има вакви настани и да се поддржуваат. Трчањето/атлетиката е народен спорт, спорт за секого доколку го практикуваш паметно и здраво. Се надевам дека многу Македонци и многу луѓе од надвор од Македонија ќе учествуваат на Охрид трчаТ. Мене како Холанѓанец ќе ми е посебно задоволство да учествувам на Охрид трчаТ како рекреативец и новинар. Сега ми е најважно да уживам и да сум среќен. Верувам дека ќе е прекрасно, задоволството е на прво место. На крај да заклучам, ми се идат во Охрид! – изјави Хаан.

Задоволството од доаѓањето на реномирано име какво што е Хаан не го криеше Директорот на трката, Иван Цветкоски.

– Отвореноста, широчината во комуникација, љубовта спрема Охрид, секогаш треба да се дел од нашето секојдневие тоа треба да е дел од нашата култура на живеење. Ние како организација уште од самиот старт се обидуваме на ваков начин да функционираме и многу ми е мило што се повеќе и повеќе охриѓани кои живеат надвор од МКД го прифаќаат таквиот стил на комуникација и постануваат дел од нашата организација во овој случај дел од Охрид трчаТ.Владо Вељаноски е главниот виновник зошто ние ќе го имаме еден од најдобрите, со големо искуство атлетски репортери и коментатори од Европа во Охрид на Охрид трчаТ. Владо е докажан поддржувач на Охрид и се што се случува во Охрид, горд што е охриѓанец и горд на неговото потекло така што многу ни е мило што заеднички ќе успееме во ова наша мала мисија да го афирмираме и промовираме нашиот град пред холандската јавност. Навистина ни претставува особено задоволство и чест што Леон и Владо ќе се дел од Охрид трчаТ, нашата визија за спортски Охрид , за европски Охрид сум убеден уште поинтензивно ќе ја градиме во наредниот период и се надеваме дека ваквите примери за соработка и градење на подобра иднина за Охрид ќе има се повеќе и повеќе поддржувачи во и надвор од Охрид. – истакна Цветкоски.

Пријавувањето за учество на Охрид трчаТ е во тек, а заинтересираните можат да го потврдат на официјална интернет страна ohridtrcat.mk.

OhridNews