Најдобрите два тима од Премиер лигата, Манчестер Сити и Ливерпул, кои ги одбележаа последните сезони во најсилната фудбалска лига во светот, денеска ќе се сретнат во Комјунити шилд купот, што ќе ја најави новата сезона во англискиот шампионат која официјално стартува првиот викенд од август.

Поради финалето на Европското првенство за жени закажано за недела, Комјунити шилд купот наместо на Вембли, прв пат по 2012 ќе се игра на „Кинг Пауер“ стадионот во Лестер.

Манчестер Сити е актуелен шампион на Англија откако во драматичен финиш заврши со бод предност пред Ливерпул, кој пак триумфираше во ФА купот совладувајќи го Челзи на пенали.

Овие два тима се сретнаа во Комјунити шилд во 2020. Триумфираше Сити по изведувањето на пенали. Минатата година „граѓаните“ исто така играа во Комјунити шилд купот каде загубија од Лестер со 1:0.

Манчестер Сити и Ливерпул ова лето беа активни на пазарот. Сити го напуштија Жезус, Стерлинг и Жинченко, а шампионот се засили со Халанд. Ливерпул остана без Садио Мане кој премина во Баерн, но се засили со напаѓачот на Бенфика Дарвин Нуњез.

Во претсезоната Сити е без пораз, додека Ливерпул претежно настапуваше со мешани постави на подготвителните натпревари. Вистинската форма, капацитет и сила на најдобрите англиски тимови пред стартот на новото првенство несомнено ќе ги видиме денеска кога големите ривали Манчестер Сити и Лиуверпул ќе се судрат во битка за првиот трофеј во новата сезона.

Гвардиола или Клоп, Халанд или Нуњез? Одговорот ќе го дознаеме во 18 часот кога е закажан почетокот на мечот.

Г.М.