Естонската престолнина Талин е најдобриот град во светот за работа од дома, според рангирањето на „Биг 7 травел“ (Big 7 Travel).
Рангирањето на „Биг 7 травел“ е според различни фактори – прифатливи трошоци за живот, брзт Ви-Фи и удобни паркови и ресторани.
Естонија изминативе години дозволи работа од дома во земјата и до една година. А, што е уште поважно, дигиталната економија таму е во пораст. Всушност, 99 отсто од јавните услуги се 24/7 достапни на интернет, а трошоците за живот се релативно ниски. На пример стан под наем во центарот на главниот град чини околу 500 американски долари.
Тбилиси, главниот град на Грузија, е на второто место. Во жариштето на пандемијата, земјата дозволи работа од дома за да се овозможи непречена и непрекината работа.
Третото место му припаѓа на Белград, Србија, поради многуте кафеани, галерии, продавници и непрекинатиот интернет од 24 мегабајти во секунда. Следуваат Бали (Индонезија), Чијанг Маи (Тајланд), Берлин (Германија), Сингапур, Буенос Аирес (Аргентина), Ханој (Виетнам) и Љубљана (Словенија).
На 13-то место е турскиот град Истанбул, еден од културно најбогатите градови во Европа, со вековна историја и со, според многумина со најдобра храна на континентот.
Вториот по големина град во Грција, Солун е рангиран на 16-то место на списоков. Тој е опишан како древен, живописен град во срцето на Средоземјето… Добра храна, љубезни околни жители и прекрасна природна околина. Има и сигурна интернет-брзина од 15 мегабајти во секунда, високо ниво на безбедност и ниски трошоци за живот. Натаму, Солун има и „огромен број шармантни кафулиња, совршени за попладневна работа“, се наведува во описот.
Други европски градови сместени во Топ 50 листата се Порто во Португалија – на 31. место, Мадрид, Шпанија – 32-ри, Будимпешта, Унгарија – 38-ма, Цирих, Швајцарија – 44-ти, повторно Португалија, со Лисабон – 46-ти, Прага, Чешка – 47-та и Лас Палмас, на Канарските острови, Шпанија – 48-ми на листата.