Компанијата „Deep ocean search“ го извлекла денес во близина на намибискиот брег, од длабочина од 5150 метри, товарот на британскиот брод “City of Cairo”. Според пишувањата на францускиот весник Фигаро, тој брод, потопен за време на Втората светска војна, пренесувал лиено железо, волна, но и она што е најважно, и сандаци со сребрени пари со вкупна вредност од 50 милиони долари. Станува збор за технички подвиг без преседан.

 

Компанијата, која собрала француски и британски експерти за отворено море, дала се од себе да го пронајде потопеното богатство. Дури и изградила единствен сонар кој може да ги истражува океаните на длабочина од 6000 метри. Воодушевен со исходот на операцијата, тимот експерти креирал посебна страница на фејсбук на која го опишал текот на истражувањето. Според британскиот закон, „ловците на богатство можат да ги задржат пронајдените скапоцености доколку се работи за брод на британската морнарица“.