Славниот Битлс Џон Ленон е убиен на денешен ден пред 35 години, со пет куршуми пред зградата во Њујорк во која живееше. Имаше 40 години. Неговиот убиец Марк Чепмен е осуден на доживотен затвор, а во август 2014 година му е одбиено барањето за пуштање на условна слобода. Чепмен, кој денес има 60 години изјави дека му е жал што предизвика толкаво патење и што испадна толку голем идиот кој избра погрешен начин да дојде до слава. Со убиството на Ленон светот на музиката се промени засекогаш, а 8 декември за многу љубители на рок музиката и понатаму е најтажен ден во календарот. Медиумите потсетуваат дека на тој 8 декември во 1980 година, Ленон и неговата сопруга Јоко Оно позираа во својот стан на амерканската фотографка Ени Либовиц. Фотографијата на која се прегрнати, тој гол а Јоко облечена, се појави на насловната на списанието „Ролинг Стоун“ следната година.
Кога нешто подоцна Ленон и Јоко заминаа во музичкото студио, на излезот од зградата Дакота им пријде Чепмен и го замоли поранешниот Битлс за автограм. По нивното враќање дома, Чепмен сеуште чекал пред зградата, но овој пат, наместо да бара потпис, пукал во Ленон. Чепмен е уапсен истата вечер, а при сослушувањето во полиција изјавил дека пукал во Ленон како би станал славен.