На денешен ден во 2019 година на 67 години почина охридскиот историчар на уметност, истражувач и археолог Гоце Ангеличин Жура.
Жура, кој беше дипломец на Филозофскиот факултет во првата генерација на отсекот Историја на уметност со археологија, сиот свој професионален ангажман го мина како советник конзерватор во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид.
Тој беше основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерските цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Прв истражувач на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум, и со тоа пополнува една огромна празнина за овој период.
Неговите истражувања резултираат со огромна фото документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост. Гоце Жура ја заинтригира јавноста за вредностите на средновековната уметност преку бројните јавни настапи и соработка во аудиовизуелни проекти. Поради стручната и научна активност и големите достигнувања, застапен е во Првата македонска енциклопедија.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот Св. Климент Охридски во 2007 година. Има напишано 20 книги и монографии и преку 50 научни трудови.
Во негова чест во петокот охриѓани му оддадоа почит за непроценливиот придонес кон науката и афирмацијата на нашето културно-историско наследство и православната црковна историја на настан кој беше организиран во спомен Куќата на Христо узунов.
Настанот по повод петгодишнината од упокојувањето на Гоце Жура беше во организација на д-р Гордана Ангеличин-Жура и Горан Митрески, историчар кустос, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. За ликот и делото на Гоце Жура говореа археологот Паско Кузман, историчарот на уметност Јорданка Матова, директорот на НУБ „Григор Прличев“ Охрид м-р Милчо Јованоски и проф. Д-р Климент Наумов, доцент при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид.
OhridNews