На денешен ден во 2020 година во осумдесет и деветтата година од животот почина истакнатиот писател, поет, драматург, хроничар и општественик Видое Видически.
Видически остави голема трага за време на својот живот, како и извонредно творештво кое го сместува меѓу великаните на Охрид и Македонија.
Првото свое дело „Сини питоми утрини“ го објавил во 1959 година, по што следат поетските книги „Вечерен пејзаж од градот“, „Песни за потопот“, „Кажување на задоцнетиот пророк“, „Вие“ и „Биље крај езерото“…. Според неговата книга „Големата Шума“ во 1977 година е работена телевизиската серија „Малиот одред“. Автор е и на романите за деца „Цревните рози“ и „Таинствени води“, како и на драмите „Бреговите се немирни“ и „Балада за орканата“.
Неговата поезија преведувана е на повеќе светски јазици.
Видое Видически е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои и на Струшките вечери на поезијата, 7-мо ноемвриската награда на град Охрид, а во 2018 година ја доби и наградата за животно дело „Св. Климент Охридски“, што ја доделува Општина Охрид.
Видически е основач и прв директор на Радио Охрид, еден од основачите и раководител на Фестивалот „Охридско лето“ и иницијатор за создавање на манифестацијата „Прличевите беседи“. Раководел и со градската библиотека „Григор Прличев“ и Центарот за култура „Григор Прличев“.
OhridNews