На денешен ден во Охрид почина Кузман Поп Стефанија, долгогодишен член и водач на ансамблот „Билјана“ од Охрид.

Поп Стефанија бил член на сите состави на ансамблот „Билјана“ од неговото формирање пред повеќе од пет децении, како инструменталист на хармоника. Заедно со другите членови на ансамблот зад себе остави над 300 снимки на стари охридски староградски песни и препеви, седум албуми и неколку сингл-плочи.

Охридскиот ансамбл „Билјана“, познат насекаде низ некогашните југословенски простори, беше формиран од Кузман Поп Стефанија, Сотир Димитроски – Сингл, Бајрам Адем, Душко Мареноски, Ташко Петроски и Томче Луканоски за потоа да згасне во 2002 година. Нивниот пат го продолжи новиот ансамбл „Билјана Јуниор“, составен од група млади охриѓани, кои верно ги следат стапките на некогаш најпознатиот ансамбл на староградски чалгии.

OhridNews