На денешен ден во 2016 година на 87-годишна возраст почина Александар Леко Радич, легенда на охридското и македонското пливање. Покрај тоа што бил голем пливачки шампион и врвен тренер, Радич се смета за еден од основоположниците на Охридскиот пливачки маратон.

Својата пливачка и тренерска кариера ја започнал во ПВК „Охридски бранови“. Во текот на тренерската кариера тој создаде плејада пливачки шампиони, меѓу кои посебно место заземаат Атина и Дики Бојаџи, Климе Савин, Нико Нестор, Александар Маленко и многу други.

Во 2013 година Александар Леко Радич го доби највисокото општинско признание за животно дело – наградата „Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид“.

Оваа награда ми е најдрага и ми значи најмногу, затоа што е признание за се што сум направил до сега во животот, изјави тогаш Леко Радиќ во емисијата „Охридски разговори“ што се емитуваше на OhridNews.

Во емисијата тој се осврна на животниот пат, почетоците на спортската кариера, успесите и предизвиците.

Зад себе остави и богата спортска архива за која ќе се грижи Архивот на град Охрид.

OhridNews