На 25 март во 1860 година, пред 164 години на традиционалниот конкурс за поема, што се одржал во Атина, македонскиот поет Григор Прличев добил Ловоров венец за поемата „Сердарот“ и бил прогласен за втор Хомер.

Со поемата „Сердарот“, која ја напишал во своите студентски години и за која на поетски конкурс во Атина добил Ловоров венец, историски ја верификувал големината на својот поетски талнет. Ова поетско дело и до денешен ден, според многу елементи на епското пеење, се уште не е надминато. Меѓу најпознатите остварувања на Прличев, покрај „Сердарот е и поемата „Скендербег“, како и делото Автобиографија.

Денеска напладне за група ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Охрид како потсетување на овенчувањето на Прличев во Атина со лавров венец во Прличевата одаја на нашата Библиотека ќе се одржи проекција на документарниот филм „Од животот на Прличев“ од авторот Милчо Јованоски. Тој всушност е приредувач на извадоци од неколку ТВ филма и автобиографски податоци на Прличев во една целина, приспособена токму за ученици од основните училишта. Документарецот за првпат беше прикажан во НУ Библиотека „Григор Прличев“ на манифестацијата „Прличеви беседи 2018 “, велат од Охридската библиотека.

Додаваат дека во чест на овој голем и значаен ден за македонската литература денеска Библиотеката на близу 120 ученици од петто одделение од ООУ „Григор Прличев“ ќе им врачи бесплатни членски книшки во траење од една година.

Прличев е роден во Охрид, на 30 јануари 1830 година. Починал на 6 февруари 1893 година во Охрид и останал еден од темелните македонски преродбеници и писатели од 19 век.

OhridNews