На денешен ден во 1981 година  е роден Тоше Проески. Денес се одбележува 41 роденден на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, хуманиот човек со големо срце чиј живот предвреме згасна во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка во Хрватска.

Музичката кариера Тоше  ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Во својата кариера ги објави  албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ и по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце не е камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други.

Тоше ги привршувал студиите на Музичката академија во Скопје и работел на музичката кариера во светски рамки. Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава. Тоше Проески загинал на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во Крушево во негова чест е изграден меморијален центар што го носи неговото име.

Роденденот на Тоше  денеска ќе биде одбележан во Крушево. Одбележувањето ќе започне со крводарителска акција во спомен куќата „Тодор Проески“ на Гумење, а во 10:30 часот е најавена промоција на книгата на Бојан Тодоровски и музички настап на Никола Зацески со групата „Мелем“. Од 11 часот ќе биде промовирана збирката песни „1 200 молитви за Тоше“, со музички перформанс на Горан Папаз, а напладне ќе бидат доделени хуманитарни ваучери. Од 12:30 часот е планирана посета на вечното почивалиште на Тоше на Гумење.

Од 14 до 16 часот во Спомен-куќата на Тоше ќе се одржи музичко-сценски настан насловен „Ангел си ти“ во изведба на камерниот оркестар од Битола со пијано трио од Скопје и со солисти од Македонската опера и балет под диригентство на Владимир Димовски.

OhridNews