Македонската репрезентација за фудбалери до 19 години ремизираше 1-1 со своите врсници од Албанија.

Натпреварот кој беше од пријателски карактер се одигра на “Билјанини Извори“  во рамките на подготовките  на селекцијата за престојните квалификации за ЕП кои од 10-16 Октомври ќе се играат во Струмица.


“Црвено – жолтите“ резултатот го отворија уште во петтата минута со голот на Нестороски. Избраниците на Југослав Тренечески продложија да напаѓаат а најблиску до втор погодок беа преку Георгиев и Танушев, но резултатот остана непроменет по првите 45 минути.

На стартот на вториот дел , албанската селекција остана со играч помалку, откако судијата Ецкоски му го покажа патот кон соблекувалната на голманот Селаци. Но наместо нашата, профитише албанската селекција која по еден час игра преку Белај израмна на 1-1.


Нашите притиснаа но и покрај тоа што имаа играч повеќе не успеаа да го скршат отпрот на албанската селекција која грчевито се бранеше пред  својот гол. Ударите на Ристевски и најдобриот на теренот Таири завршија во пречката односно гредата.


Евидентен беше заморот кај играчите, бидејки во овој дел од сезоната имаат контролни наптревари со своите клубови. Не минуваме  резултатски најдобро но ние сме во фаза на создавање на екипа, во овој тим има шест седум играчи на кои ќе сметаме и во наредниот циклус. Така што нема простор, нема место за разочарување. Сепак се надевам дека имаме време добро да се подготвиме за циклусот мечеви во Октомври – ни изјави селекторот Југослав Тренчовски по завршувањето на натпреварот.

М.Постоловски