Фудбалерите на Охрид, утре (сабота), на гостувањето во Тетово кај Тетекс ги завршуваат натпреварите во Втората македонска фудбалска лига-запад. За „рибарите“ дуелот со „штофарите“ е да се биде или не, затоа што се освен победа може да ги чини губење на втората позицијата на табелата и пласман во баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига.
Охриѓани, кои се наоѓаат во добра форма се имаат во свои раце и сами си одлучуваат за својата судбина, односно пласманот на табелата. Како што напоменавме, „рибарите“ во пресрет на финалната битка во второлигашкото друштво се во пол позиција за второто место, во однос на Велешта.
Избраниците на Драган Бочески играат тежок и тврд фудбал на гостински терен, но во Тетово мораат да атакуваат на погодок во противничката мрежа, се со цел што побрзо да ја осигураат победата и втората позиција на табелата.
„Штофарите“ во пролетниот дел од Втората лига играат многу подобро од есенскиот дел. Тетовчани нанижаа неколку позитивни резултати и избегнаа отпаѓање од второлигашката конкуренција. Сигурно ќе посакуваат позитивен крај на сезоната.
Конкурентот на Охрид за втората позиција Велешта гостува во Скопје кај новиот прволигаш. На Велешта и треба позитивен резултат, но и кикс на Охрид, што наговестува возбудлив крај на сезоната.
Напред Охрид!
OhridNews