Екипите на Тетекс и Охрид, утре (сабота), со почеток во 14 часот, на стадионот со вештачка трева во Тетово ќе ги одмерат силите во последната рунда од вториот круг во Втората македонска фудбалска лига-запад.
Нешто што може да се заклучи пред утрешната средба е императивот кај двете екипи за победа и освојување на трите бодови. На Тетекс бодовите му требаат за опстанок во второлигашкото друштво, додека „рибарите“ се активно вклучени во битката за втората позиција на табелата, која води во баражот за Првата лига.
„Штофарите“ пролетната полусезона ја отворија со позитивно реми (0-0) на гостувањето кај Кадино, а охриѓани стартуваа со доминатна победа над Кораб од 2-0, на СРЦ „Билјанини Извори“.
Тетекс на домашен терен игра доста ефикасен фудбал. Во осум натпревари во есенската полусезона забележал три победи, а претрпел пет порази, без ниту едно реми. „Штофарите“ имаа негативна, но ефикасна гол разлика. Имаат постигнато 11 погодоци, а примено 13.
Охридскиот фудбалски клуб пак, на гостински терен игра затворен и тврд фудбал. Во осум одиграни мечеви „рибарите“ славеа само еднаш, а дури четири пати играа нерешено. Три пати минатата полусезона губеа на гостувањата. Охрид има само два постигнати голови, а примени четири.
Првиот натпревар во есенскиот дел од сезоната заврши во корист на охриѓани, кои победија со минимални 1-0.
Мх.П.