Фудбалерите на Охрид, в сабота во 13 часот, на СРЦ „Билјанини Извори“, против екипата на Велешта го играат мечот на сезоната, во Втората македонска фудбалска лига-запад. Влогот во локалното дерби е поголем од три бодови, затоа што борбата помеѓу двете екипи е за втората позиција на табелата, која води во баражот за пласман во Првата македонска фудбалска лига.

Кога се работи за пресметка да се биде или не, не се потребни спектакуларни најави и статистики, бидејќи самиот натпревар сам по себе е мотив за фудбалерите, поддржувачите и медиумите. „Рибарите“ втората сезона во Втората лига ја поминуваат одлично, а круна на плодната натпреварувачка година, секако, ќе биде пласман во баражот и финална битка за влез во прволигашката конкуренција.

Охрид и Велешта како две спротиставени екипи немаат богато минато, но годинашниве пресметки во Втората лига понудија тврд, неизвесен и квалитетен фудбал. Резултатски, Охрид, подобро помина во дуелите, освојувајќи четири бодови. „Рибарите“ победија на домашен терен 2-1, а ремизираа без голови во Велешта 0-0. Но тој позитивен скор не значи ништо в сабота, кога треба да се остави срцето и душата на теренот за победа, како што напишавме погоре, вредна многу повеќе од три бодови.

Избраниците на Драган Бочески играат маестрално на домашен терен, победувајќи во девет од единаесет натпревари. Охриѓани се втори по освоените бодови на домашен терен, што им дава големо право да се надеваат и атакуваат на позитивен резултат в сабота. Велешта, пак, има позитивен биланс на гостински терен со три победи, четири нерешени средби и три порази. Скорот на Велешта е трет, ако се земат во предвид гостински резултати, што е ветувачко за нив, пред гостувањето во Охрид.

До в сабота, Бочески и Пепи Џигероски имаат време да ја искристализираат тактиката и да ги одберат најподготвените играчи за финалната битка „да се биде или не“ во Втората лига.

Михаил Постоловски