Охридскиот фудбалски клуб натпреварите во второлигашката конкуренција ќе ги продолжи в сабота (3 април) со локалната пресметка со Кораб од Дебар. Дуелот од 21-та рунда ќе се одигра на теренот со вештачка трева, бидејќи на „главниот“ стадионот се уште се работи на инсталацијата на модерниот систем за наводнување.
„Рибарите“ пред паузата во првенството беа во најдобра натпреварувачка форма, победувајќи на четири од последните пет натпревари. На охриѓани ги краси играта во одбрана. Охридските фудбалери во трите мечеви од пролетната полусезона немаат примено погодок, а постигнаа три, што се покажа доволно за две победи. Во пресрет на пресметката со Кораб, охридскиот стратег Драган Бочески ќе биде на слатки маки, затоа што на располагање ќе ги има сите фудбалери.
На спротивната страна, Кораб, освои само два бодови од можните девет во првите три рунди од пролетната полусезона. Фудбалерите на Кораб имаат очигледен проблем со реализацијата, бидејќи се уште немаат постигнато погодок. Кораб на домашен терен ремизираше со Велазерими и лидерот на табелата Скопје, а изгуби од Охрид, пораз кој тешко го пребродија. Поразот и тоталната доминација на охриѓани, сигурно ќе биде мотив повеќе за Кораб, кој често знаел да извлече позитивен резултат од Охрид.
Исходот во двете пресметки од есенската и пролетната полусезона е изедначен 1-1. Кораб славеше во Дебар со 1-0, а Охрид победи 2-0 на СРЦ „Билјанини Извори“.
OhridNews