Фудбалерите на Охрид, в сабота во 15 часот, на домашен терен, против екипата на Дрита, ги започнуваат натпреварите од третиот круг во Втората македонска фудбалска лига-запад. „Рибарите“ заедно со Велешта и Гостивар се трите екипи, кои во финалните осум рунди ќе се борат за втората позиција на табелата, која води во баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига.

Избраниците на Драган Бочески во првата рунда силите ќе ги одмерат со Дрита, екипа која заедно со лидерот на табелата Скопје најмногу се засили во зимскиот преоден рок. Во Дрита се пресели речиси целиот квалитетен играчки кадар од Вардар Форино, кој се откажа и уште неколку фудбалери, кои на клубот од Боговиње треба да му помогнат во битката за опстанок.

Дрита имаше добар вовед во пролетниот дел. „Црвено црните“ претрпеа минимален пораз (2-1) од Скопје во Автокоманда, а на домашен терен со 3-0 го растурија Велазерими. Дрита покажа добар и квалитетен фудбал, најавувајќи дека има сериозни намери не само во Охрид, туку во вториот дел од сезоната.

„Рибарите“ пак, во првите две рунди освоија четири бодови, победувајќи го Кораб со 2-0 и ремизирајќи 0-0 со Тетекс. Гостувањето на засилената и залетаната Дрита на СРЦ „Билјанини Извори“ ќе биде сериозен предизвик за охриѓани, кои не ги кријат амбициите за учество во баражот.

Во есенската полусезона Охрид имаше подобар скор во дуелите со Дрита. Охридските фудбалери на домашен терен славеа со 5-0, а на гостински во Боговиње дуелот заврши без победник 0-0. Вреди да се напомене дека Дрита во контролните мечеви во зимскиот подготвителен период го совлада Охрид со 2-1.

Мх.П.