Од 18 до 20 септември, планината Галичица, Охрид и Охридското езеро со сите свои убавини втора година по ред ќе бидат домаќини на Планинарска трка „Охрид Ултра Треил“. Планинарските трки земаат голем замав во светски спортски рамки, а Охрид може да се пофали дека ги следи најновите трендови.
Второто издание на Планинарската трка „Охрид Ултра Треил“ се состои од 3 трки (Летница 18 километри, Галичица Ултра 66 километри и Охрид Ултра Треил 107 километри) кои внимателно одбрани од Здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид, по безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association) ќе ги задоволат вкусовите на љубителите на планината и трчањето.
Трката долга 107 километри е двигател на спортската манифестација Охрид Ултра Треил. Планинарското трчање се врзува со ултра маратон кој според некои светски стандарди треба да биде над 100 километри. Планинарските трки треба да растат како што расте и настанот, во случајов Охрид Ултра Треил. Минатата година, на првото издание најдолга делница беше 65 километри, но годинава е направен голем чекор напред со организирање на 107 километри. Преостанатите две трки, на 18 километри и 66 километри се мамка, предизвик и база за учество на планинските трки над 100 километри.
Стартот на Охрид Ултра Треил е петок кон сабота во 23 часот на Градскиот плоштад. Од таму тркачите по стариот дел на градот се искачуваат на Самоиловите тврдини. Потоа се спуштаат на плажите Лабино и Канео. По улицата „Илинденска“ слегуваат на градскиот кеј и продолжуваат кон Шипокно. Потоа следува искачување до Велестово, па одат до Горно Коњско, Елшани, Тпејчко поле и Трпејца. Стигнуваат во Св. Наум и од тогаш се приклучуваат на трасата од трката на 66 километри. Поминуваат на изворите од реката Црни Дрим, се движат по реката Черава и македонско-албанска граница од каде се упатуваат кон Љубаништа. Од таму во дијагонала трчаат на кај Зли Дол и скршнуваат кон Стара Галичица движејки се низ букова и дабова шума.
Откако ќе излезат од шумата трчаат по патот од Прватата светска војна и преку Магаро се спуштаат во планинарска куќа на превојот. Потоа се качуваат на Лако Сигној и Бугарска чука, а слегуваат на Горно Студино и се движат кон Асанџура каде има контролна точка. Во месноста Летница учесниците од „Летница Треил“ и „Галичица Ултра“ ќе се сретнат и ќе можат заедно да трчаат. Потоа се спуштаат и низ Велестово доаѓаат до Охрид и се упатуваат кон кејот каде е финишот на трката.
Кога ќе се сумира целата траса на 107-километарска трка се доаѓа до заклучок дека учесниците ќе можат да уживаат во сите убавини кои ги нудат Охрид и околината.
Од технички аспект долж трката ќе има 12 освежителни станици каде ќе има присуство на медицински лица и спасители во планина. Финишот на трката е на Градскиот плоштад, а првиот се очекува да стигне после 13 часа односно на пладне в сабота на 19 септември. Лимитот на трката е 27 часа. На стартот ќе се појават 42 учесници од неколку земји.
OhridNews