Од 18 до 20 септември, планината Галичица, Охрид и Охридското езеро со сите свои убавини втора година по ред ќе бидат домаќини на Планинарска трка „Охрид Ултра Треил“. Планинарските трки земаат голем замав во светски спортски рамки, а Охрид може да се пофали дека ги следи најновите трендови.
Второто издание на Планинарската трка „Охрид Ултра Треил“ се состои од 3 трки (Летница 18 километри, Галичица Ултра 66 километри и Охрид Ултра Треил 107 километри) кои внимателно одбрани од Здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид, по безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association) ќе ги задоволат вкусовите на љубителите на планината и трчањето.
„Галичица Ултра“ е трка која истовремено нуди уживање во планината домаќин и поглед кон Охридското и Преспанското езеро, но бара добра физичка и психичка подготвеност. Трките долги од 60 до 80 километри се база трките над 100 километри, затоа планинарските тркачи овие делници ги сметаат за сериозен предизвик и тест.
„Галичица Ултра“ започнува во манастарскиот комплекс Св. Наум. Прва можност за уживање на тркачите е средбата со изворите на реката Црн Дрим. Потоа се движат по реката Черава и македонско-албанска граница од каде се упатуваат кон Љубаништа. Од таму во дијагонала трчаат на кај Зли Дол и скршнуваат кон Стара Галичица движејки се низ букова и дабова шума.
Откако ќе излезат од шумата трчаат по патот од Прватата светска војна и преку Магаро се спуштаат во планинарска куќа на превојот. Потоа се качуваат на Лако Сигној и Бугарска чука, а слегуваат на Горно Студино и се движат кон Асанџура каде има контролна точка. Во месноста Летница учесниците од „Летница Треил“ и „Галичица Ултра“ ќе се сретнат и ќе можат заедно да трчаат. Потоа се спуштаат и низ Велестово доаѓаат до Охрид и се упатуваат кон кејот каде е финишот на трката.
Од технички аспект долж трката ќе има 5 освежителни станици каде ќе има присуство на медицински лица и спасители во планина. Учесниците трката ќе ја започнат во 7:30 часот, а првиот се очекува да пристигне за осум часа. На стартот ќе се појават 53 учесници од неколку земји. Лимитот на трката е 16 часа и 30 минути.
OhridNews