Кон крајот на оваа година на аукција ќе се најде британски подземен нуклеарен бункер од периодот на ладната војна. Расходованиот бункер, кој е проценет на 2000 до 3000 фунти е сместен на едно брдо во Дербишир, централна Англија. Бункерот е изграден во 1961 година, во време на кубанската криза и подигнувањето на Берлинскиот ѕид, кога нуклеарните тензии помеѓу САД и СССР биле на највисоко ниво.

До почетокот на деведесеттите години со бункерот управувал британскиот корпус за набљудување. Во периодот од 1956 до 1965 година оваа единица изградила повеќе од 1500 слични засолништа ширум Велика Британија. Бункерот, во кој водат челични скалила, има три простории со остаток од телефонски систем, но нема ниту вода ниту струја. Купувачот на овој објект би можел да го користи за одгледување зеленчук, како склад или простор за билијард, било наведено во аукциската куќа Бегзшоус која е организатор на лицитацијата.