Нобеловата награда за мир, која во 1936 година ја освоил шефот на аргентинската дипломатија КАрлос Саведра Ламас, ќе биде продадена на аукција на 29 март во Балтимор. Како што пренесуваат агенциите, медалот пред 20 години бил оставен како залог во Јужна Америка, а го пронашол американски колекционер чие име не е наведено. Само златото од кое е направен на денешниот пазар достигнува цена од 9000 долари. Како предмет на колекционерство и од историско значење, медалот има далеку повисока вредност.

На истата лицитација, која ја организира аукциската куќа „Стакс Бауверс“, ќе се најде и првата Пулицерова награда за допринос во јавниот интерес понудена на аукција. Наградата била доделена во 1932 година на весникот „Њујорк Ворлд телеграм“ кој бил угасен во 1966 година. Карлос Саведра Ламас бил првиот латиноамериканец кој ја добил Нобеловата награда. Престижното пизнание му било доделено за посредување во мировните преговори кои довеле до завршување на војната помеѓу Боливија и Парагвај.