Поршето насликано со психоделични бои, кое и припаѓаше на легендарната американска пејачка Џенис Џоплин, ќе биде понудено на аукција на 10 декември во Њујорк. Аукциската куќа Сотби, која е организатор на лицитацијата, соопшти дека станува збор за Порше 356C кабриолет чија цена се проценува на преку 400 илјади долари. Иако своевремено пееше „Боже, купи ми Мерцедес Бенз“, Џоплин во 1968 си набави еден друг германски луксузен болид, Порше. Сметајќи дека белата боја на автомобилот е премногу здодевна, го даде на пријател преку целата каросерија да наслика живописна слика на која е прикажана со членовите на својот бенд, заедно со слики на пеперутки и медузи.
Во Сотби напоменуваат дека Поршето е без сомнение едно од најзнаменитите поршеа на сите времиња. Тоа е фантастичен автомобил кој ја надминува уметноста, поп културата и социјалните движења, а во секој поглед автомобилот е достоен на славната пејачка. Џоплин постојано се возела во поршето кое обично било паркирано пред холивудскиот хотел во кој умре во 1970 година предозирајќи се со хероин. Автомобилот после нејзината смрт му припаднал на нејзиното семејство кое го позајми на куќата на славните на рокенролот во Кливленд, каде бил изложен до 1995 година, и кое сега одлучи да го стави на продажба.