Шведскиот фоторепортер Џими Викстром објавил дека фотоапаратот, кој Усеин Болт го користел по освојувањето на златниот олимписки медал на игрите во Лондон во дисциплината 200 метри, ќе го продаде во хуманитарни цели. Болт после трката го зел фотоапаратот од Викстром и ја фотографирал публиката, како и колегата од репрезентацијата Јохан Блејк, кој го освоил сребрениот медал.

Најбрзиот човек на светот потоа го врежал своето име на апаратот и му го вратил на Викстром, кој фотографиите ги објавил во весникот Афтонбладет. Викстром апаратот го понудил на аукција на интернет, а сите собрани пари ќе бидат наменети за шведското друштво за борба против ракот и фондацијата на Болт за децата во Јамајка. Аукцијата се затвара следната седмица, почетната цена изнесувала 500 долари, а фотоапаратот досега достигнал цена од 7000 долари.