Од џиновското јајце, кое следниот месец ќе биде понудено на аукција во Лондон, некогаш било можно да се направи омлет за цело семејство. Станува збор за фосилизирано јајце од прица слон, денес изумрена врста од Мадагаскар, за која аукциската куќа Кристи очекува дека ќе привлече голем интерес кога на 24 април ќе биде ставено на аукција.
Сто пати поголемо од јајцето на кокошката, јајцето од птицата слон е високо 30 сантиметри и со пречник од речиси 23 сантиметри. Во Кристи предвидуваат дека ќе достигне цена од 30 илјади фунти. Птицата слон наликувала на џиновски ној и можела да достигне висина од 3,4 метри.