ТАВ Македонија викендов го пречека првиот лет на „Edelweiss“ од Цирих на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, со што го означи влезот на оваа авиокомпанија на пазарот. Со воден топ во форма на виножито и торта беа пречекани 174-те патници кои пристигнаа од Цирих, најголемиот град во Швајцарија, со авионот Ербас 320 на „Edelweiss“. Вечерва авионот полета од охридскиот аеродром кон Цирих со 102 патници во авионот.

На оваа директна линија ќе оперира авиокомпанијата „Edelweiss“, водечка туристичка авиокомпанија во Швајцарија, со база на аеродромот во Цирих. Како сестринска компанија на „Swiss International Air Lines“ и член на групацијата „Луфтханза“, „Edelweiss“ лета до 70 дестинации во 32 земји ширум светот, а со воведувањето на линијата Цирих-Охрид-Цирих, патниците можат да изберат меѓу патување до градот, службено патување, патување за посета на културни знаменитости или одмор на плажа, бидејќи и двете дестинации, Охрид и Цирих имаат многу атракции и места кои патниците може да ги посетат, велат од ТАВ.

Во текот на целата летна сезона, односно од 6 април до 26 октомври,“Edelweiss“ на линијата Цирих – Охрид – Цирих ќе оперира со една фреквенција неделно, во сабота со пристигнување во 18:35 часот, а заминување во 19:25 часот. Во најфреквентниот период од летната сезона од 15 јули до 20 август, „Edelweiss’ ќе додаде уште 2 неделни фреквенции на оваа линија, односно во понеделник со пристигнување во 00:25 часот, а заминување во 04:40 часот и во вторник со пристигнување во 18:05 часот, а заминување во 18: 55 часот.

– Силно веруваме дека Edelweiss како авиокомпанија која обезбедува швајцарски квалитет, кој е синоним за висок квалитет, заедно со нивната флота и мрежа на дестинации кои постојано се зголемуваат, усогласени со нашите аеродромски услуги ориентирани кон корисниците, ќе биде одлична комбинација за незаборавни патувања за нашите ценети патници, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид има пет редовни дестинации преку целата година, Виена, Базел, Цирих, Малме и Милано и осум сезонски дестинации до: Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, опслужувани од 11 авиокомпании.

OhridNews