Незадоволни од измените во Законот за работни односи, работниците од Охрид на 7-ми ноември ќе излезат на протести. Покрај во Охрид , Сојузот на синдикатите на Македонија –ССМ,  протести ќе организира и во повеќе други градови во земјата, како најава за Генералниот штрајк што ќе се одржи на 14 ноември во Скопје.

Според ССМ, со измените во Законот за работни односи, се поништуваат  многу работнички права. Синдикатот покрај измена на овој закон бара и одредување на најниска плата, Закон за пензионирање, со можности за пензионирање со стаж, не само со старост и Закон за стечајни работници. Петтото барање е Владата да преземе мерки за заштита од високите цени и да донесе програма за спречување на падот на животниот стандард.

Подготовките за протестот во Охрид се во полн ек, а деталите ќе бидат договорени на состанокот на Регионалната канцеларија на ССМ што деновиве ќе се одржи во Охрид.

Ohridnews