Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици почна со пререгистрација на картички за движење на моторни возила во стариот дел на град Охрид. Право на вакви картички имаат постојаните жители, како и правни лица со седиште во стариот дел на градот, за шти треба да прилошат соодветна документација, како и жители кои немаат постојана адреса во стариот дел од градот и станоиздавачи, за кои важат посебни услови предвидени со правилникот за издавање картички за движење на моторни возила во стариот дел на Охрид.

Жители кои немаат постојана адреса во стариот дел од градот, кои во сопственост имаат станбен објект во овој дел ќе им биде издадена само една картичка за моторно возило регистрирано на нивно лично име (како доказ приложуваат имотен лист од објектот, копија од лична карта и копија од сообраќајна дозвола од сопственото возило). Сите станоиздавачи кои во склоп на својата КП поседуваат уреден простор за паркирање со повеќе паркинг места и кои до објектот имаат непречен пристапен пат ќе добијат онолку картички колку што имаат обезбедено паркинг места. Kако доказ приложуваат важечко Решение за категоризација издадено од Општина Охрид и потврда од Комисијата дека во склоп на објектот има паркинг места. – соопшти локалната самоуправа.

Туристи, пак, кои имат резервирано сместување преку Booking со формуларот ќе може да влезат во Стариот дел од градот за сместување и во временски интервал од 1 час возилото треба да излезе.

Сите баратели кои ги исполнуваат наведените услови ќе може да извршат пререгистрација на картичките секој работен ден до 04.06.2021 година во временскиот период од 10:00 до 14:00 часот, на посебен шалтер во зградата на Општина Охрид. На сите иматели на картички кои не ги исполнуваат условите од Правилникот, картичките ќе им бидат поништени. – информира Општина Охрид.

OhridNews