Струга оваа година ќе го организира третото издание на „Трка на поезијата“. Атлетскиот клуб „Спортски Мостови“ на 21 мај 2023 година ќе организира градска атлетска трка на 10км од натпреварувачки карактер и рекреативна трка на 5км.
Мотивирани од првото издание каде професионалните тркачи и рекреативците ни ја пружија цела доверба од самиот старт на организирање ваков масовен настан, втората година влеговме со многу поголема самодоверба, со олеснување на рестриктивните мерки од пандемијата и истата несмеевме да ја губиме туку само да ја надоградуваме кај нашите учесници. Со многу љубов и желба успеавме да угостиме вкупно 1100 учесници на второто издание на сите трки. Голема благодарност до Општина Струга и сите институции, спонзори и помагатели кои безрезервно се вклучија во реализација на овој прекрасен атлетски настан во Струга кој полека израснува во еден од најзначајните настани во самата општина, вели Марјан Туртуров.
Потсетува дека на второто издание на сите трки учествуваше и Дарио Ивановски, балканскиот шампион на 3000 метри, кој воедно постави нов рекорд на патеката истрчувајќи ја за 30 минути и 31 секунда. Заедно со Билјана Кираџиева во женска конкуренција беа двајцата победници на 10 километарската трка, второто место припадна за Атанас Анчевски и Миљана Ристиќ, додека на третото место се пласираа Димитар Петровски и Весна Кираџиева.
На пет километарската трка најбрз од мажите беше Кристијан Наумовски, а во женска конкуренција охриќанката Мери Шешо. Второто место им припадна на Григоријан Никовски и Билјана Сивева, а трети беа Стојче Петровски и Бојана Наумовска.
Потенцира дека првата година во екот на пандемијата која го затвори целиот свет, беше и првото издание кое се одржа на 23 мај 2021 година и низ улиците на Струга трчаа вкупно 623 учесници на трките на 10км и 5км.
Започнавме со пандемија и докажавме дека дисциплината и желбата за успех може да донесат одличен резултат за нас како организатори и за цела Струга. Успеавме да пречекаме и без никакви проблеми првата година да спроведеме настан достоен за Струга и за сите професионални и рекреативни атлетичари во Македонија, голема благодарност и до сите учесници од соседните земји од Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција кои беа дел од првото издание. Цел тој успех не би бил без тркачите кои безрезерво учествуваа и придонесоа да имаме настан каков што имавме, додава Туртуров.
Победник на првото издание на 10 километарската трка беше Милош Ранчиќ во машка и Билјана Караџиева во женска конкуренција, втори беа Миомир Алексовски и Весна Караџиева, а третото место им припадна на Александар Караџиев и Сандра Арсовска.
Додека на 5 километарската трка прв беше Кристијан Наумовски во машка и Николина Милевска Вељановска во женска конкуренција, втори беа Стојче Петровски и Екатерина Куковска, а третото место им припадна на Атанас Епов и Славица Игнатовска.
Ви благодариме за пружената доверба во последните две изданија и се надеваме дека ќе се дружиме и оваа година, а ние како домаќини Ви ветуваме уште повеќе забава и професионалност, порачува Туртуров.
OhridNews