И покрај големиот интерес на годинешните матуранти за Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, на некои од студиските насоки има слободни места кои ќе се пополнуваат на вториот уписен рок на 2 и 3 септември. Интересот за запишување на оваа угледна високо образовна институција беше особено голем за насоките Туризам и Царина и шпедиција, но исто така и за студиските насоки Хотелско-ресторанска, Осигурување и Гастрономија.

На новата атрактивна студиска насока Гастрономија, исхрана и диететика, за прв пат ќе се врши упис на студенти токму на вториот уписен рок. Со оглед на важноста на гастрономијата и исхраната во туристичката бранша, преку оваа насока ќе се профилираат професионалци кои се многу барани на пазарот на труд. Токму заради тоа, како и поради повеќе децениската традиција на Факултетот, стручниот кадар и современиот пристап во студирањето, потенцијалните студенти покажуваа голем интерес за новата насока, но и за Факултетот за туризам и угостителство воопшто.

 – На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се единствени во ставот дека едукацијата, односно образованието претставува проширување на целокупното знаење, вештини и компетенции на лицата кои се едуцираат и оспособуваат самостојно да одлучуваат и делуваат во различни ситуации. Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола и Факултетот за туризам и угостителство во Охрид имаат за цел да едуцираат и обучуваат токму вакви високо квалитетни стручни кадри. Во таа насока, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид во текот на своето 4 децениско постоење има продуцирано бројни дипломци со квалитетни познавања на проблематиката од својата област, магистри и доктори на науки. Голем број од нив денес се на значајни позиции во реномирани компании и хотели или имаат започнато сопствени бизниси кои успешно продираат на домашниот и меѓународниот пазар, велат од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

OhridNews