Ватерполо, кајак, СУП, скокови во вода, трки во пливање, ќе бидат само дел од активностите на вториот спортски фестивал „Илинден“ што на 2 авуст ќе се одржи во Струга во организација на Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“.

Претседателот на „Соларис“ Коста Хиохи најави поразличен концепт од претходната година, а покрај покрај спортските активности променета е и локцијата на централната манифестација.

Причината за тоа е што двете села, кои беа вклучени како попатна и финална станица се веќе зафатени со манифестации и прослави. Во селото Ташмаруништа има прослава по повод Илинденското востание, а селото Глобочица го слави патронот Свети Илија. Од друга страна, водени од интересот и посетеноста на Фестивалот од минатата година и најавата на гости и учесници за оваа сметавме дека сепак спортските активности треба да останат во градот, појасни Хиохи.

Изрази задоволство за поддршката од Македонската ватерполо федерација, која со неколку ревијални натпревари ќе го отвори Фестивалот, за што во пресрет излегле од ХЕЦ Глобочица, кои за време на натпреварите ќе го запрат истекот на Црн Дрим.

Фестивалот уште ќе вклучи трки со кајак, за што се обезбедени специјални кајаци со голема стабилност за рекреативци, трки со СУП штици, трки во пливање и веќе традиционалните скокови во вода-слободен стил. Ги покануваме сите намерници, туристи, спортисти и рекреативци да дојдат на 2 август, на десниот брег после Чаршискиот мост, да го прославиме овој голем празник на еден поинаков начин, истакна Хиохи.

Право на учество на спортскиот фестивал „Илинден“ имаат сите заинтересирани граѓани со претходна пријава, а за забавата ќе биде задолжен Рутбој Селектор.

OhridNews