Владата промовираше бесплатна телефонска линија – 191, каде ќе можат да се пријават неправилности за непочитување на препораките за заштита од коронавирусот.

Владата на почетокот на неделата донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи како што се леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, но и лекови и дезинфекциски средства. Исто така со цел за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот беше донесена и одлука да се затворат сите ресторани, кафетери и барови каде што се собираат луѓе.

Унифицираниот телефонски број 191 за пријавување неправилности во Државниот пазарен инспекторат во употреба на ниво на цела држава ќе биде пуштен во понеделник. На овој број ќе можат да се јават сите кои што ќе констатираат неправилности кои што се однесуваат на постапувањето на Државниот пазарен инспекторат.

Пазарниот инспекторат информираше дека налепници со бројот на кој граѓаните ќе можат да пријават неправилности ќе бидат доставени и до сите бензински станици низ државата, а угостителските објекти кои во моментов не работат имаат законска должност да ги залепат овие налепници на видно место во објектот откако ќе заврши кризната ситуација во државата, а ќе можат да ги набават бесплатно од канцелариите на Државниот пазарен инспекторат низ државата.

OhridNews