На 14-ти август во охридското село Велестово, со почеток во 21.30 часот, по 27-ми пат ќе се одржи манифестацијата Поетска ноќ во Велестово.  Оваа година манифестацијата е посветена на поетското творештво на Веле Смилевски. За неговото творештво ќе беседат Санде Стојчевски и Раде Сиљан. Стихови ќе читаат членови на Независната аматерска театарска група Аматер од Охрид.

Традиционално, покрај поетскиот портрет на еден наш истакнат поет, ќе биде одржана и ликовна изложба. Оваа година во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со изложба на слики ќе се престави Литов НамдагЈанчивин од Монголија, кој во моментов е почесен конзул на Монголија во Македонија.

На 15-ти во Планинарскиот дом во Велестово ќе биде промовиран зборникот песни „Меѓу две неба, песни за Велестово“ во кој се поместени педесетина песни посветени на Велестово од автори ширум светот. На промоцијата ќе гостуваат автори од Бугарија, Црна Гора и Македонија. Промоцијата ќе започне во 21:00 часот.

Во рамките на оваа манифестација во изминатите 25 години било претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Гузел, Радован Павловски, сѐ до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите би ги споменале: Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски,  Газанфер Бајрам, Славко Упевче и други.

Манифестацијата е помогната од Министерството за култура на Република, како и Општина Охрид.

OhridNews