Културните настани спакувани во квалитетен туристички производ се најдобар начин за промоција на автентичните вредности. Винската култура дефинитивно има потенцијал да влијае на развојот на туризмот и привлекување квалитетни гости од што бенефитот е повеќратен, за градот, угостителството и тиризмот во целост. Потврда за тоа е настанот „Над Езерото – Охридски вински салон 2024“ што се одржа синоќа под отворено небо во уникатниот амбиент на Долни сарај, во организација на реномираниот охридски угостителски бренд –  Ресторан „Канео“.

Љубителите на доброто вино имаа можност да уживаат во понудата на 31 македонска винарија, како и неколку дестилерии.

За овој настан се организираме 4-5 години. Тлееше идејата кај нас да организираме вински салон којшто во таков формат во Охрид никогаш не е организиран. Целта ни е да ја заокружиме убаво сезоната со еден културен настан но и да отвориме пат за соработка на винариите со локалната бизнис заедница. На винскиот салон во Охрид дојдоа сите големи афирмирани винарии, но и мали семејни винарии кои за прв пат имаа можност да се претстават пред овдешната јавност, но и бројните странски туристи кои исто така покажаа голем интерес за настанот. Сакаме да ја развиваме винската култура која има голем потенцијал и правиме големи напори во тој правец. Летната сецана Долни сарај ја избравме како автентична охридска локација, од една страна е езерото, а од другата стариот град. Вистинско уживање под ѕвездите, истакна Елена Каневчева Христовска – Шеф на кујна во летна бавча и ресторан „Канео“.

Манифестацијата беше збогатена со настапот на Агни Авшар квинтетот, а посетителите покрај убаво вино, имаа можност да вкусат и специјалитети од локални производители на храна обединети во „Slow Food“. Во рамки на настанот се одржа и креативна работилница на „Paint & vine“.

Од ресторан „Канео“ велат дека Охридскиот вински салон „Над Езерото“ ќе продолжат да го организираат и развиваат и во иднина и сакаат оваа културна манифестација која, несомнено има голем потенцијал, да стане традиционална.

Г.М.
Фото: Ива Јовановиќ/Емил Јовановиќ