Медицинските тимови се важна алка во фудбалските клубови, а соодветното давање помош при спортски повреди клучни за исходот. Надградувањето и обновување на знаењата, но и правилната поставеност на секое лице во тимот се од големо значење. Во оваа насока Фудбалската федерација на Македонија одржа семинар за доктори и физиотерапевти на кој беа презентирани најновите знаења и техники поврзани со ургентните медицински состојби во фудбалот.
На семинарот учествуваа и доктори од охридските клубови, Д-р Ана Неделкоска која е дел од медицинскиот тим на ГФК Охрид Лихнидос и ЖФК Охрид и Д-р Сејад Солакоски, дел од медицинскиот тим на ФК Воска.
На семинарот се зборуваше за ургентни спортски повреди на терен кои се живото-загрозувачки, како што е инфаркт, трауматски повреди на стомак, глава, епилептични напади, дехидратација проследена со напад сличен на епилептичен напад. Всушност тоа беше обновување на знаењето и правилата за „Basic life support“ што е многу важно. Овие семинари се многу важни бидејќи ретко се случуваат вакви повреди, а е многу важно секој од нас кој е член на медицинскиот тим брзо да реагира и да ја знае улогата во тимската работа. Во нашите фудбалски тимови се повеќе се обрнува внимание на овие работи и се трудат да се во тек со новините, барем во клубот каде јас работам ГФК Охрид Лихнидос и ЖФК Охрид, посочува д-р Неделкоска.
И Д-р Сејад Солакоски се сложува дека одржувањето на вакви семинари се од голема важност, бидејќи се опфатени предавања од областа на трауматологијата и обука за основно и напредно животно одржување, раната реанимација и брзата дефибрилација.
Под ургентни состојби во фудбалот се поразбира препознавање и брзо третирање на живото-загрозувачки состојби како колпас, срцев застој, гушење, хипогликемија и трауми на глава, рбет, граден кош, абдомен, карлица и екстрмитети. Најчести трауми се на долните ектремитети и најчести повреди кај фудбалерите се токму на долните екстремитети и на главата. За жал кај, нас малку клубови обрнуваат внимание и ги следат светските трендови, не се вложува и не се дава важност на медицинскиот тим како важна алка од самиот тим како пред натпреварот, за време на натпреварите и по натпреварите, посочува Солакоски.
Воедно, упатува благодарност до ФФМ и Др.Невзат Јонузи за одличната организација, изразувајќи надеж дека и во иднина ќе продолжи оваа пракса.
Семинарот го проследија тимските доктори и физиотерапевти од националните репрезентации, како и клупските доктори и физиотерапевти од Прва и Втора Македонска фудбалска лига и од Прва женска фудбалска лига.
Н.С.Ј.