Пред бројна публика, весели и насмеани дециња, на сцената кај ТЦ Амам вчеравечер беше изведена тетарската претстава „Цветко и неговата градина”. Со тоа започна програмата на Општина Охрид за најмладите охриѓанчиња под мотото „Културата расте со децата“.
Преку претставата беше испратена порака до најмладите генерации за зачување на животната средина, за природата, екологијата, но и за здравата храна.
Претставата својата оргинална и несекојдневна нитка ја пренесе преку низа драмски ситуации, со многу едукативни педагошки елементи, но и со многу интеракција со децата, кои, пак активно ја следеа и се вклучуваа во истата.
Пред изведба на театарската претстава „Цветко и неговата градина” беа доделени две признанија, едното за Градоначалникот и Општина Охрид и другото за Одделението за култура, за посебни заслуги во делот на културни активности за децата кои ги прими претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
Во претставата играа Магдалена Ризова-Черних, Бранко Атанасов, Сашо Ристовски и Ема Давчева.
Преку проектот „За сите деца“, Општина Охрид за прв пат организира богата културно-забавна програма посветена на најмладите охриѓанчиња и најмладите гости кои летуваат во нашиот град. На различни локации на отворено, секој петок се до 6-ти октомври 2024 година – Неделата на детето, ќе се реализираат низа културно-забавни настани и активности за деца до 12 години, под мотото „Културата расте со децата“.
Во текот на месеците јуни, јули, август, септември и октомври на отворените сцени на Долни Сарај, плоштадот „Крушевска Република“, плоштад „Вангел Наумовски“ (кај мини маркет), Лапидариум, градски плоштад „Свети Климент Охридски“ и други јавни површини во градот ќе бидат изведени и детските театарски претстави „Разгалениот принц“, „Младиот чорбаџија“, „Дизајнерот Далматинко“ и „Црвенкапа“.
Сите претстави ќе бидат во изведба на „Театар Хит“ од Скопје.
Н.С.Ј.