Викендов во Струга се одржа голема еко-акција за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро. На повеќе плажи младите собираа најразличен отпад во рамките на проектот „Екологија, дел од нашата култура“ кој се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Проектот „Екологија, дел од нашата култура“ има за цел подигнување на свеста за здрава животна средина. Од Здружението на граѓани „Нова порта“ велат дека преку вакви акции за чистење на најкритичните места вдолж брегот на Охридското езеро од друга страна се остава чиста слика пред бројните туристи кои престојуваат во Струга.
Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов период на повеќе локации се собираше отпадот а се спроведе и акција под мотото „ Езерото не е корпа за отпад“ на која преку транспаренти се испратија еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Езеро и крајбрежјето, велат од „Нова порта“.
Исчистените плажи, како еколошко чисти плажи, се обележани со знамиња. Во акцијата „Креирањето на било каква политика поврзана со здрава животна средина е процес којшто почнува од најрана возраст, вели Никола Кукунешоски од Извидничкиот центар Скаут.
Тоа значи дека секој еден од нас првите информации ги прима во рамките на своето семејство а потоа и преку образовниот процес. Она што како сознание секој од нас треба да го има е информација која треба да ја добие од семејството и луѓето кои се грижат за животната средина. Ваквите акции ги поддржуваме во цлост во поглед со работа со најмладите кои треба да имаат здрави навики, додава Кукунешоски.
Од спортскиот клуб „Соларис“ кои беа дел од еко-акцијата велат дека ваквите акции пред сѐ имаат едукативна намена а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина
Како општествено одговорна организација спортскиот клуб „Соларис“ секогаш ги поддржува ваквите иницијативи. Така и денес ја лоцираме важноста на едукацијата на младите спортисти во превенирање на загадувањето на тој начин што ќе се едуцираат да бидат екологисти, да бидат склони кон одржување на чиста животна средина и да се научат како да се справуваат со отпадот кој што не опкружува. Оваа иницијатива ја поддржа нашиот подмладок и реализиравме неколку еколошки акции. Впрочем преку овие акции ги едуцираме младите и вложуваме во утрешнината на екологијата“, вели Коста Хиохи од клубот „Соларис“ Струга.
Во рамките на проектот се реализира и подводно чистење на езерото, а собраниот отпад беше презентиран пред младите на кој им беше потенцирана штетноста врз ендемичниот свет, кој милиони години живее во Охридското Езеро. За подигнување на еколошката свест во рамките на проектот ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.
OhridNews