Авион со 72 патници се урна денеска во Непал, а во несреќата загинаа најмалку 40 лица, соопштија официјални претставници на таа држава.

Авионот АТР72 на авиокомпанијата Јети ерлајнс летал од Катманду кон Похара и при слетувањето се урнал и се запалил, јавија светските агенции пренесува Миа.

Во авионот имало 68 патници и четворица членови на екипажот, изјави портпаролот на авиокомпанијата, додавајќи дека не се знае дали има преживеани.

Авионот се урнал меѓу стариот и новиот аеродром Похара во централен Непал, 200 километри западно од Катманду.

Трупот на авионот бил во пламен, а спасувачите се обидувале да го изгаснат пожарот, изјави локален претставник на Гурудут Дак.

Тој рече дека нивните напори сега се насочени кон гаснење на пожарот и спасување на патниците.

Непалските војници се вклучени во спасувањето на местото на несреќата во близина на аеродромот во туристичкиот град.

Очекуваме да извлечеме уште тела, рече воениот портпарол, додавајќи дека авионот „се распаднал на парчиња“.

Непалскиот премиер Пушпа Камал Дахал свика итен состанок на неговиот кабинет и ги повика државните агенции да работат на спасувачката операција.

OhridNews
Фото: Google Earth