Во текот на месец декември, до Институтот за јавно здравје, пристигнати се вкупно 1.623 пријави за заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 88.4 на 100.000 жители.

Вкупниот број пријавени лица во месец декември е за 92.8 проценти зголемен во однос на претходниот месец, ноември. Во однос на месец декември 2023 година, се регистрира зголемување на пријавените лица од акутни заразни заболувања за 4.6 проценти, а во однос на аритметичката средина за десетгодишниот период, се регистрира зголемување од 8.0 отсто.

Најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 1.025 пријавени лица, по што следат ентероколитиси, шуга, инфективна мононуклеоза, салмонелози… Најголем број акутни заразни заболувања на ниво на ЦЈЗ во декември е пријавен на територија на ЦЈЗ Скопје, а најмал број е пријавен во ЦЈЗ Охрид. Највисока инциденца на 100.000 жители, на ниво на ЦЈЗ, во декември е регистрирана на територијата на ЦЈЗ Штип, а најниска е инциденца во ЦЈЗ Охрид, информираат од Институтот за јавно здравје.

Од групата на сексуално и крвно преносливи инфекции, без ХИВ/СИДА, регистрирани се 22 заболени лица. Пријавени се седум случаи на сифилис, шест случаи на вирусен хепатит Б, пет на вирусен хепатит Ц и четири на инфекција со хламидија.

Во декември, пријавени се два случаи потврдени на ХИВ, од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 40 до 49 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА, пријавен како заболен во ноември, 2024 година, од машки пол, кој припаѓа на возрасната група од 20 до 29 години.

Евидентирани се и четири случаи на голема кашлица и два на заразни заушки. Пријавени се вкупно 6 случаи на КОВИД 19, од кои четири лица од Скопје, и по едно лице од Тетово и Берово.

Н.С.Ј.