Во сабота, на 20 јули сите патишта водат кон охридскиот Антички театар каде Ѓоко Танески со солистички концерт ќе го одбележи својот голем јубилеј – 30 години кариера.

Концертот е насловен „Најдоброто од Ѓоко Танески“, а охриѓанецот со златно грло на сцената ќе ги отпее најголемите хитови од својата кариера. „Никогаш доста“, „Збогум најмила“, „Една љубов имам“, „Цветај расцветај“, „Ден по ден“… се само дел од хитовите кои ја одбележаа неговата 30-годишна кариера, а кои ќе бидат дел од репертоартот. Како што е предвидено Ѓоко ќе отпее 20 свои песни, три народни, охридски композиции во придружба на еден од неговите гости Николче Мицевски, кој ќе го придружува на клавир, но ќе промовира и една нова песна.

Возбуден сум и навистина едвај чекам да дојде сабота за да застанам на сцената и да уживам со мојата публика. Подготвив навистина интересен репертоар и освен моите добро познати песни ќе отпеам и три убави охридски, народни песни, но премиерно ќе отпеам и две нови. Едната е забавна, онака во мој стил, се вика „Чекам, чекам“ и е со потписот на Николче Мицевски. Втората е народна, насловена е „Над изворот“, а ја потпишува Влатко Јовчевски, вели Ѓоко, кому ова му е прв голем концерт во родниот Охрид.

Освен Николче Мицевски на сцената ќе го придружува и Камерниот оркестар од Битола, а гостин ќе му биде и легендарниот Драган Мијалковски, кој ќе гостува со три нумери.

Концертот на Антички е со почеток во 21:00 часот, а влезниците може да се набават преку мрежата на Мктикетс, како и во продажните салони на „Литература“ низ земјата и „Кај Аждер“.

Организаторот Фреш унион, најавува вистински музички спектакл, кој ќе се снима со најсовремена техника со оглед на тоа дека подоцна ќе биде изработен и телевизиски проект.

OhridNews